Првиот црн репрезентативец на Германија: Ми доаѓа фотографот и ми вели: „Лудо е да го носиш овој дрес“

Германија отсекогаш била фудбалска велесила, но во последната деценија беше уште посилна поради големиот број натурализирани репрезентативци.

Помладите категории на Германија се полни со фудбалери кои имаат потекло од Турција, Полска, земји од Балканот, цела Африка...

Меѓу првите што го „скршија мразот“ беше Џералд Азамоа, кој е роден во Гана, а своето деби за германската репрезентација го имаше во 2001 година.

Азамоа, чии родители емигрирале во Германија во 1990 година, имал неверојатно патување, а осум години подоцна, беше на прагот на смртта поради проблеми со срцето.

Мислев дека мојата кариера тогаш заврши. Докторот ми рече дека нема да можам повеќе да играм. Мојот свет се распадна, сè ми беше црно. Јас го повикав Бога за помош и ветив дека ќе се оддолжам. Мојот сон е да изградам болница само за оние со срцеви проблеми, истакна Азамоа, кој повторно играше фудбал три месеци по операцијата.

За оние што не се многу запознаени, Азамоа беше многу почитуван како фудбалер кој својата кариера ја градеше во Хановер, Шалке, Сент Паули и Гројтер Фирт.

Тој, исто така, успеа да се запише во историјата на германскиот фудбал како прв репрезентативец со темна кожа што го облече дресот на Германија на Светското првенство во 2002 година во Јапонија и Јужна Кореја.

Седев на клупа кога еден фотограф ми пријде и ме праша: „Што правиш тука?“. Му одговорив дека сум репрезентативец на таа земја, а потоа ми одговори: „Лудо е да го носиш овој дрес“. Луѓето не можеа да поверуваат како црн фудбалер игра за Германија. Погледнете колку играчи со темна кожа играат сега за Германија, истакна Азамоа, потенцирајќи колку тоа значеше за луѓето од Африка кои живеат во Германија.

На крај, Азамоа собра 43 настапи за Германија и постигна шест гола.