„Пола“ Шпанија загриза за Барди - Бетис, Севилја, Валенсија сакаат да го купат во јануари

Македонскиот репрезентативец Енис Барди за само два месеци откако дојде од унгарски Ујпешт во шпански Леванте за 1,5 милиони евра ја воодушеви Шпанија со своите игри, па двата гола во Ла Лига и добрата предсезона, па по само два месеци веќе се појавија првите најави за интерес од поголеми клубови на Пиринеите за негов ангажман веќе во јануари.

Како што објавија одредени шпански медиуми, Бетис во моментов е најзагреан да го земе Барди, иако тој во моментов ја одработува првата сезона во Леванте, со кој потпиша договор до 2020 година. Покрај Бетис, интерес за него веќе покажале и Севилја, Вилјареал, Реал Сосиедад, но и големиот градски ривал на неговиот клуб Валенсија.

Барди токму на Валенсија и даде фантастичен гол со кој Леванте остана непоразен во дербито и со шест бода по четири кола е деветопласиран, а е еден од шесте преостанати екипи во Ла Лига без пораз досега заедно со великаните Реал Мадрид, Барселона, Севилја, Валенсија и Атлетико Мадрид.

Сепак, колкав и да е интересот на другите шпански клубови, тешко дека Леванте експресно ќе се реши да го продаде својот бисер, кој веднаш се наметна како првотимец и како еден од најдобрите играчи на овој клуб. За потсетување, Леванте ги победи Штутгарт, Динамо Загреб и Борусија Дортмунд во трката да го ангажира фудбалерот за врска летово, затоа што Барди исклучиво сакал да игра во Шпанија.