Навивачите на Велс ќе одиграат пријателски меч против македонски четвртолигаш!

Фудбалската репрезентација на Македонија утре ќе го пречека Велс (20.45 часот) во меч од второто коло од квалификациите за Светското првенство 2026, кој ќе се одигра на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

Очекувањата се дека околу 200 навивачи на островскиот тим ќе пристигнат во престолнината, меѓу кои ќе биде и фудбалската репрезентација на велшките навивачи. Навивачкиот тим на Велс е неофицијална селекција составена од поддржувачите на националниот тим, која често одигрува пријателски натпревари при гостувањата на Велс во странство. Досега одиграле 125 натпревари, а последниот беше во октомври 2024 против навивачкиот тим на Исланд. Иако понекогаш играат и на домашен терен, најчесто настапуваат на гости.

На самиот ден на квалификацискиот дуел, со почеток во 12 часот по средноевропско време, навивачкиот тим на Велс ќе одигра пријателски натпревар против македонскиот четвртолигаш Слободен и тоа во тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во Ново Лисиче. Ова ќе биде втор ваков дуел за Слободен, кој во ноември 2023 одигра сличен натпревар против навивачкиот тим на Англија на стадионот во Петровец. кој заврши нерешено 1-1.