
Милевски: Велс е фаворит, но ќе се обидеме да го изненадиме
Селекторот Благоја Милевски кажа дека го анализирале Велс и ќе мора да бидат максимално фокусирани ако сакаат позитивен резултат.
„Велс го анализиравме, не само на вчерашниот натпревар, туку и на сите натпревари откако имаат нов селектор. Мораме да бидеме максимално фокусирани, ако сакаме позитивен резултат. И пред натпреварот со Лихтенштајн кажав дека, емоциите се тука. Целата подготовка за овие натпревари е тешка, па поради тоа ова можеби е најтешкиот натпревар. Но, ако можеме на некој начин да се одолжиме и да дадеме поддршка на настраданите, тоа е со добра игра и победа“, вели Милевски.
Милевски посочи дека Велс е фаворит поради тоа што има фудбалери кои се натпреваруваат во Премиерлигата.
„Не сме фаворити, Велс ја има таа улога. Велс има фудбалери кои се натпреваруваат во Премиерлигата и Чемпионшип-лигата. На нас е да се подготвиме на највисоко ниво и да се обидеме да изненадиме. Кажав и претходно дека утре мораме тактички и физички да бидеме совршени ако сакаме позитивен резултат. Велс можеби е најсериозниот противник од кога сум јас тука. Станува збор за една квалитетна репрезентација и нè чека многу сериозен противник, ќе видиме како Македонија ќе одговори“, смета Милевски.