Милан во нашиот Енис Барди гледа замена за - предавникот Чалханоглу!

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Енис Барди, би можел наскоро да се пресели во Серија А и тоа во дресот на големиот Милан, откако тренерот на „росонерите“, Стефано Пиоли, во него гледа замена за „предавникот“ Хакан Чалханоглу, кој летово реши да премине во градскиот ривал Интер, пишуваат денеска италијанските медиуми.

Нашиот бисер во моментов е играч на шпански Леванте, со кој има договор до 2022 година и кој го има проценето на 15 милиони евра. Но, тимот од Валенсија е во финансиски проблеми, поради што постои опција лесно да се договори со челниците на Милан, со цел да најдат заеднички јазик на негова преселба за пониска сума од бараната. Леванте сигурно нема да сака да го загуби Барди следното лето без никаква отштета, поради што постојат сериозни шанси Македонија да добие уште еден фудбалер во Серија А, покрај Елиф Елмас, Илија Несторовски и најверојатно Горан Пандев.

Ако дојде до овој трансфер, Барди воедно ќе биде првиот Македонец што го облекол дресот на еден од најдобрите европски тимови од „Сан Сиро“.