Тренерот на Баерн Минхен дивеел по поразот, со тупаници тргнал кон судиите!

Екипата на Баерн Минхен неочекувано загуби на вчерашното гостување кај Борусија Менхенгладбах (1-2) во меч во кој по само осум минути остана со фудбалер помалку по исклучувањето на Упамекано по реакција од ВАР-собата, што премногу го налути тренерот Јулијан Нагелсман, кој имал свое шоу по завршувањето.

Според „Билд“, предводникот на Баварците дивеел по последниот свиреж на судијата, прво во микс-зоната каде што пред новинарите им се дерел на судиите: „Тоа е шега? Дали ме зафркавате или што?“, за потоа да удирал со тупаница по вратата од собата во која биле делителите на правдата. Набрзо потоа тој и влегол во собата каде се обидел да ги убеди судијата Тобајас Велц и неговите помошници дека погрешиле што му доделиле црвен картон на Упамекано.

Откако не успеал во својата намера, Нагелсман ја напуштил собата и пред новинарите судиите ги нарече „безрбетници“. Откако се смири, тој се извини за својата постапка.

„Емоциите се дел од спортот, но морам да се извинам за изборот на зборови што му ги упатив на судијата Тобијас Велш и на неговите помошници. За жал, отидов предалеку“, изјави Нагелсман.

Поразот на Баерн Минхен значи можност за Унион Берлин со евентуална победа денеска на домашен терен против Шалке да се врати на врвот на табелата во Бундеслигата.