Траоре е пред кам-бек во редовите на Барселона како замена за Дембеле

Адама Траоре се чинеше дека ќе биде засилување за Тотнема во зимскиот преоден рок, но во последен момент во игра влезе и Барселона. 

Каталонскиот тим сака да го врати својот поранешен играч во клубот како замена за Усман Дембеле, кој нема да потпише нов договор и ќе мора да си замине уште зимава.

Барселона моментално е во преговори со Вулверхемптон и го бара шпанскиот интернационален на шестмесечна позајмица со можност да го откупи неговиот договор за 35 милиони евра во јули годинава.

Крилниот напаѓач е продукт на младинската академија на Каталонците, „Ла Масија“ во која беше дел од 2004 до 2013 година. Потоа две сезони играше за Барселона Б, а за првиот тим на гигантот има само еден настап.

Потоа реши да ја продолжи кариерата во Англија, каде настапуваше за Астон Вила, Мидлсборо и од 2018 година е во редовите на „волците“.