Тотнем прими гол, па ептен се налути, „новиот“ Њукасл сигурен против Форест (ВИДЕО)

Фудбалерите на Тотнем со убедлива победа над Саутемптон (4-1) ја почнаа новата премиерлигашка сезона, во која се надеваат дека, конечно, ќе се вмешаат во борбата за највисок пласман на табелата.

Гостите први го отворија резултатот преку Вард-Проуз во 12. минута, но со тоа само ги налутија „петлите“. Сасењон изедначи по само девет минути, а на истекот на првите половина час Даер донесе целосен пресврт. Салису со автогол во 61. минута само го зголеми водството на Тотнем, а Кулушевски две минути подоцна го постигна конечниот резултат.

Сигурна победа оствари и „новиот“ Њукасл, за кого ова е прва сезона од почеток со новите пребогати газди од Саудиска Арабија. Црно-белите на домашен терен беа подобри од повратникот во англиската елита, Нотингем Форест (2-0) со головите на Шар и Вилсон во второто полувреме. Стартни победи обезбедија и Лидс и Бурнмаут и тоа како домаќини во пресметките со Волверхамптон (2-1) односно Астон Вила (2-0).