Тага на „Емирати“: Почина голема легенда на Арсенал!

Поранешниот фудбалер на Арсенал, Кевин Кембел, почина утринава на 55-годишна возраст.

Англичанецот со потекло од Јамајка играше како напаѓач и беше дел од генерацијата на „топчиите“ која стана шампион на Англија во 1991 година, а играше и за Нотингем Форест, Евертон, Кардиф, Вест Бромвич, Трабзон, Лестер Сити и Лејтон Ориент. Тој почина неколку недели откако беше примен во болница во критична состојба.

Кембел како фантастичен стрелец се истакна прво во младинската академија на Арсенал, а сениорското деби го имаше во 1988 година против Евертон. Во шампионската сезона на лондонскиот клуб забележа 20 настапи и постигна девет гола. Со „топчиите“ ја освои и двојната круна во 1993 година, како и континенталниот Куп на победниците на куповите. Го напушти тогашниот „Хајбери“ во 1995 година, откако одигра 210 натпревари за својот матичен клуб и постигна 55 гола - сето тоа и покрај жестоката конкуренција, особено по доаѓањето на Јан Рајт во 1991 година. Во првата сезона во Форест неговиот тим испадна во Чемпионшип, а во следната Кембел даде огромен придонес во експресното враќање во елитата со 23 гола.

По кратката епизода во Трабзон, каде што беше мета на расистички навреди од член на управата на клубот, тој се врати во Премиер лигата. Кембел пристигна во Евертон во јануари 1999 година и даде голем придонес во борбата за опстанок - постигна девет гола на само осум натпревари и им помогна на „карамелите“ да го задржат статусот на „вечен премиерлигаш“, кој важи и денес. За Евертон одигра вкупно 150 натпревари и постигна 55 гола за клубот од Ливерпул.

Се пензионираше во 2007 година по една сезона во Кардиф.