Славје во Каталонија: Барса го избрка Куман!

Барселона го презема најрадикалниот можен чекор и го избрка тренерот Роналд Куман, откако синоќа каталонската гордост загуби од Рајо Валјекано во Мадрид со 0-1, меч на кој македонската „единица“ Столе Димитриевски му го „потпиша“ отказот.

Куман само три дена откако го загуби „Ел класико“, едвај си замина од „Камп Ноу“ откако навивачите го нападнаа кога заминуваше со автомобилот, но синоќа новата бламажа беше преголем залак за да се проголта од управата и од Жоан Лапорта за холандската легенда да преживее и овојпат на клупата.

Барса загуби со голот на Радамел Фалкао, а потоа Димитриевски на 19 минути пред крајот му одбрани пенал на Мемфис Депај, за Рајо после 19 години првпат да го победи славниот каталонски клуб.

Заминувањето на Куман од кормилото во Барселона предизвика воодушевување во Каталонија, па навивачите сега се во исчекување кој ќе го наследи.

И понатаму Чави Ернандез, легендарниот фудбалер за врска на Барса е прв кандидат.