Симоне Инзаги е жива легенда на италијанскиот фудбал - сега ги има сите трофеи и како играч и како тренер

Со само два клуба, во период од осум години како тренер, Симоне Инзаги веќе има девет трофеи во својата колекција со што неговата тренерска кариера е многу поблескава од играчката.

Под негово водство, Интер синоќа ја обезбеди титулата во Серија А и со тоа Инзаги ги комплетира сите трофеи во италијанскиот фудбал и како играч и како тренер. Играчката кариера ја градеше во Пјаченца (плус неколку позајмици во нисколигаши), Лацио, Сампдорија и Аталанта и 14 години освои една титула во Серија, три во Купот и една во Суперкупот на Италија.

Како тренер е многу поуспешен за многу пократко време. Освен тоа што неговите екипи ги краси исклучително атрактивна игра, помладиот од браќата Инзаги сега има еден трофеј од Серија А, три од Купот и пет од Суперкупот на Италија. Шест од овие девет пехари освои со тимот на Интер со што го помина Жозе Мурињо кој за две години дојде до пет трофеи, а пред него се само Хеленио Херера и Роберто Манчини со по седум.

Освен ова, Инзаги е првиот тренер во историјата кој победил на шест натпревари по ред против градскиот ривал Милан, а титулата ја освои на пет кола пред крајот што е израмнување на рекордот во италијанското првенство.