Роналдо на Јувентус му ги зголемил маркетинг приходите за – 58 милиони евра

Откако пред скоро година ипол Кристијано Роналдо за 117 милиони евра се пресели од Реал Мадрид во Јувентус за плата од 30 милиони евра, многумина на Апенините мислеа дека ангажманот на Португалецот е „финансиско самоубиство“ за торинскиот великан, ама ефектот од неговиот ангажман очигледно е – многу поинаков.

Роналдо со Јувентус стигна до титула во Серија А, но во првата сезона од четирите што треба да ги одигра не успеа да ја оствари целта да стигне до нов пехар во ЛШ. Но, на финансиски план, доаѓањето на фантастичниот Роналдо е полн погодок во Торино.

Според финансискиот извештај, Јувентус од доаѓањето на Роналдо за сто отсто ги зголемил приходите од маркетинг, па ефектот на Португалецот се – 58 милиони евра во касата на „старата дама“. Второ е што Јувентус влезе во „топ десет“ клубови по продажба на дресови, со продадени 1,315 милиони дресови, што е првпат за торинскиот клуб да биде во ова друштво, во кое Манчестер јунајтед е неприкосновен со продажба на скоро пет милиони дресови.

Третиот ефект од ангажманот на Роналдо е што Јувентус добил нови 38 милиони навивачи и веќе има бројка од 423 милиони, па е осми клуб во светот со најмногубројна навивачка база. Пред само една година, „старата дама“ беше на 11-то место. Плус, по социјалните мрежи, Роналдо на Јуве му донел за една година дури 35 милиони следбеници.

До крајот на оваа година има уште два ипол месеци, па секако бројките ќе пораснат уште, но факт е дека резултатските успеси и евентуалното освојување на ЛШ уште повеќе би донеле финансиски успеси за торинскиот клуб и ефектот на Португалецот би бил комплетен.