
Реал Мадрид му покажа на ПСЖ кој е кој, за 72 часа го договори трансферот на Мастантуоно!
Брзо по шпекулациите дека Луис Енрике побарал од ПСЖ да му го донесат Мастантуоно, на сцена стапи Реал Мадрид.
Делегација на „кралевите“ предводена од главниот скаут Хуни Калафат и генералниот извршен директор Хосе Анхел Санчез отпатува во Буенос Аирес и за помалку од 72 часа го договорија трансферот на Франко Мастантуоно.
Шпанскиот весник „АС“ открива како Реал Мадрид успеал да ја запечати зделката и да го осигура потписот на офанзивниот фудбалер.
Клубот од „Бернабеу“ покажал голема почит кон Ривер Плата и ги исполни сите барања, односно ќе плати 40 милиони евра колку што изнесува откупната клаузула, додатни 5 милиони евра за да се покријат трошоците за данок, а и ќе го остават Франко Мастантуоно на располагање на тренерот Марсело Гаљадо за Светското клупско првенство.
Во август ќе биде донесена одлука дали играчот ќе остане во Ривер на позајмица до крајот на годината и потоа во јануари да се пресели во Мадрид, или пак дали уште ова лето ќе го облече белиот дрес.