Расколот во Барса ќе однесе „жртви“: Араухо пред трансфер во Баерн

Последните два дена медиумите во Шпанија зборуваат за наводен раскол во тимот на Барселона, предизвикан од елиминацијата од Лигата на шампионите и изјавите по мечот со ПСЖ.

Во главна улога се Илкај Гундоган и Роналд Араухо, Германецот го посочи стоперот како главен виновник за поразот поради црвениот картон што го доби, потоа следуваше одговор, а кулминацијата на сето ова најверојатно ќе се случи во текот на летото. Наводно, веќе е постигнат договор за трансфер на Араухо во Баерн Минхен и покрај тоа што до неодамна, многумина го гледаа уругвајскиот репрезентативец како иден капитен на тимот.

Баерн одамна е заинтересиран за 25-годишниот дефанзивец, Барселона досега не сакаше ни да преговара, но неколку големи натпревари покажаа значителни слабости во играта на Араухо. Тој беше исклучен и во дебаклот на Барселона (1-4) во финалето од Суперкупот од Реал во јануари, а често на важни натпревари не е на потребното ниво.

По се изгледа расположението против Араухо се зголеми откако стандарден член на првиот тим стана тинејџерот Пау Кубарси кој е производ на Ла Масија и во кого клубот гледа долгорочно решение на стоперската позиција. Од Араухо во моментов може добро да се заработи, според информациите меѓу 65 и 70 милиони евра, што би била значајна сума во обидот за финансиска консолидација на клубот.