Протести и негодувања поради новиот стадион на Милан и Интер

Челниците на Милан и Интер вчера во градското Собрание пред јавноста во Милано го претставија проектот за изградба на нов стадион, каде што моментално е паркингот пред „Сан Сиро“.

Презентацијата главно мина во негативна атмосфера, бидејќи пред градското собрание се појавија демонстранти со транспаренти, кои се против изградбата на нов стадион. На состанокот беа присутни и локални жители на населбата каде треба да никне новиот стадион и тие беа против изградба на нов „Сан Сиро“.

Граѓаните на Милано се уверени дека тоа нема да биде зелена површина, туку само стадион каде ќе доминираат шопинг-центри и разно разни дуќани. Идејата е да се прават што повеќе пари, а не да се разубави околината околу „Сан Сиро“.

Проблем за миланските клубови е тоа што градот Милано не е воодушевен од идејата за нов стадион, како и градските советници кои треба да дадат зелено светло за градба. Милан и Интер веќе промовираа два дизајни за стадионот, што треба да чини вкупно 1,2 милијарди евра.