Познати деталите за новиот договор на Барди: Отштетата е рекордна за македонски фудбалер

Македонскиот репрезентативец Енис Барди ќе го дочека нов договор во Леванте, откако ќе се врати во Шпанија по настапите за македонската фудбалска репрезентација, откако шпански медиуми ги објавија деталите за продолжувањето на соработката на фудбалерот за врска со шпанскиот клуб.

Барди лани за 1,5 милиони евра дојде во Леванте од унгарски Ујпешт и во дебисезоната блесна со девет гола, од кои пет од слободен удар, а сезонава постигна еден гол и тоа ремек дело од слободен удар пред репрезентативната пауза. Поради добрите настапи, но и пројавениот голем интерес од низа клубови од Шпанија и Европа, Леванте од поодамна најави дека ќе му го продолжи договорот и според зборовите на спортскиот директор Тите веќе сè е договорено.

Како што објави „АС“, Барди ќе добие нов продолжен договор со двојно подобри услови од актуелните, па ќе се обврзе да го носи дресот на Леванте до 2022 година, а притоа откупната клаузула на македонскиот репрезентативец ќе биде рекордна за еден наш фудбалер. Според најавите откупната клаузула ќе биде 50 милиони евра, што е двојно повеќе од клаузулата која ја имаше по потпишувањето на договорот лани.

На овој начин Леванте ќе ја спречи Севилја да тргне во офанзива за да го ангажира Барди, за кого во изминативе година дена интерес покажаа и гиганти како Интер, ПСЖ, но и дел од шпанските клубови како Бетис, Валенсија...