Откриено за колкав процент ќе им се намалат платите на Македонците во Калчото

Првиот човек на италијанската федерација (ФИГЦ), Габриеле Гравина вчера најави дека ќе има намалување на платите на сите фудбалери во Калчото, како дел од мерките за клубовите да не претрпат преголеми штети после пандемијата со коронавирусот и запирањето на фудбалскиот шампионат.

Сега, италијански медиуми открика за колкав процент ќе им се намалат тие плати, а за тројцата Македонци во Калчото, намалувањето ќе биде идентично 15 отсто од годишната плата. Оваа мерка ги опфаќа Горан Пандев (Џенова), Елиф Елмас (Наполи) и Илија Несторовски (Удинезе) зашто имаат примања до 1,5 милиони евра, додека далеку поголемите ѕвезди ќе останат без третина од својата плата. Одлучено е за 30 отсто да се намалат платите за фудбалерите со над 1,5 милиони евра годишна заработка.

Според последните информации од пред крајот на минатата година, Елмас во Наполи има околу 1,2 милиони евра годишна плата, Несторовски еден милион, а Пандев е на „минималец“ до 350.000 евра.

На овој начин во пресметките на економистите, калчолигашите ќе заштедат вкупно 260 милиони евра и тие пари ќе може да ги искористат за да покријат други дупки кои им се отвораат поради запирањето на фудбалот и намалувањето на приходите, а извесно е дека Серија А, дури и да продолжи со оптимистичката најава на 3 мај, тешко дека мечеви ќе се играат со публика, за калчолигашите да заработат од продажба на влезници.

Но, намалувањето на платите, кои како мерка ќе ги опфати за годинава, а можеби и за следната, зашто ефектите од глобалната криза, допрва ќе удрат на финансиски план се проблематични од друга страна – многу фудбалери од 1 јули може да си побараат нови средини, каде што би добиле повеќе пари, а ова особено важи за низа ѕвезди кои се интересни за англиските премиерлигаши и шпанските клубови од Ла Лига.