Нова доза шпекулации од Турција: Трабзон ќе го земел Елмас на заем?!

Откако македонскиот бисер Елиф Елмас пред едно лето за 16 милиони евра направи македонски рекорден трансфер од Фенербахче во италијански Наполи, турските медиуми не престануваат со шпекулаци дека за новата сезона можно е фудбалерот за врска да се врати во Турција.

Според последните најави, Трабзонспор го посакува Елмас да го земе на заем и тоа наводно поради фактот дека Наполи е подготвен да го даде младиот македонски репрезентативец на едногодишен заем во клуб каде дополнително ќе се развие и ќе биде подготвен по новата сезона, да влезе како сигурен првотимец во таборот на наполитанците.

Турците го цитираат менаџерот Енрико Феделе, кој посочил дека 90 отсто е сигурно заминувањето на заем на Елмас, а Турција би била идеална дестинација зашто Елмас веќе има искуство од играње во турската Суперлига и лесно би му било прилагодувањето, а Трабзон е тим каде што може преку постојани мечеви да напредува.

Македонскиот бисер не е постојано стартер во Наполи, но добива минутажа кај Џенаро Гатузо, а веќе освои и еден трофеј, Купот на Италија. Италијанските медиуми веќе неколкупати посочуваа дека иднината на Елмас е под Везув, а и дека наскоро ќе потпише нов договор до 2025 година, што и од раководството беше најавено, но сето тоа не е изгледа доволно за да се шпекулира со иднината на младиот фудбалер.