Ниту Руни не сака да го води Евертон: Имам работа во Дерби Каунти

Легендарниот поранешен голгетер на Манчестер јунајтед, Вејн Руни не сака да го напушти Дерби Каунти за да ја преземе менаџерската позиција во Евертон. 

„Карамелите“ му ја понудија работата на Англичанецот, кој своите први фудбалски чекори ги направи токму во овој клуб. Сепак, Руни не сака да го напушти Дерби среде сезоната кога е во грчевита борба за опстанок и има сериозни финансиски проблеми.

„Евертон контактираше со мојот агент и ме прашаа за интервју за работата. Јас ја одбив можноста. Верувам дека некогаш ќе бидам менаџер во Премиерлигата и подготвен сум за тоа 100 отсто. Но, моментално имам работа во Дерби, што е многу важна за мене“, изјави Руни.

Неговиот договор со Дерби е до јуни 2023 година. „Овните“ моментално се претпоследни на табелата во Чемпионшип дивизијата со 14 бодови. На вој клуб на стартот од сезоната му беа одземени неверојатни 21 бод поради финансиските проблеми. Руни работи одлично со клубот и ако успее да го спаси од испаѓање, веројатно ќе биде подеднакво изненадување како да се пласирал во Премиерлигата. 

Евертон и натаму е во потрага по нов менаџер по отказот за Рафаел Бенитез. Во меѓувреме привремен „кормилар“ е клупската легенда Данкан Фергусон, кој во минатата неколку пати ја преземаше оваа функција.