Не е Анчелоти, туку уште поголемо тренерско име ќе го наследи Монтела во Милан?

Винченцо Монтела се движи по работ на бездната, пред некој ден се спаси со голот на младиот Кутроне против Ријека, но секој нареден загубен бод би можел да значи крај за него во Милано.

Пред Монтела се мечевите со Рима и Интер во кои ќе се решава неговата судбина. Раководството на клубот не му верува и веќе размислува за опциите за негов наследник. Се споменуваше Карло Анчелоти, но дон Карло е познат како тренер кој не превзема клубови среде сезона и не екипи каков што е актуелниот Милан - тукушто склопен и невоигран.

Од друга страна пак, новиот тренер би можел да дојде од Кина. Станува збор за легендарниот Марчело Липи, кој моментно е селектор на Кина, но како што сега стојат работите, нема уште долго да се задржи таму бидејќи Кинезите не се пласираа на Мундијалот. Па токму поради тоа поранешниот тренер на Јувентус и Интер и светски шампион со Италија би можел да ја заврши тренерската кариера во Милан.

Наводно, директорскиот тандем Фасоне и Мирабели стапиле во контакт со него, но засега нема одговор. Липи и претходно беше во комбинација додека Берлускони беше директор на клубот, но замислата не се оствари поради финански причини. Липи сега има 69 години и евентуалниот ангажман во Милан би му бил последен во кариерата...