Милан го осигура најважниот потпис – Малдини останува спортски директор

Италијанскиот првак Милан вечерва го осигура најважниот потпис и го задржа легендарниот Паоло Малдини, спортскиот директор на клубот, кој е творец на тимот кој после 11 години во изминатава сезона го врати „скудетото“ во витрините.

Малдини потпиша нов договор до 2024 година, а тој е човекот кој направи револуција на „Сан Сиро“, па Милан прво го врати после шест години во ЛШ, а годинава ја донесе и шампионската титула, иако според играчкиот ростер, „росонерите“ воопшто не беа главни фаворити за круната.

Точно 100 минути траел последниот состанок на кој Малдини го потпиша договорот за да остане на чело на најважниот сектор на италијанскиот гигант.

„Сѐ е средено, го продолживме договорот во последен час. Најважно е што успеавме. Среќен сум што сум тука, спремни сме да ја планираме иднината и новите победи. Знам дека малку доцниме, но има време, ќе го надополниме загубеното“, рече Малдини.

Дивок Ориги од Ливерпул е прво засилување кој доаѓа како слободен играч, а допрва Милан ќе бара решенија и за другите позиции за да се засили за предизвикот и во ЛШ. Една од големите желби, Свен Ботман им избега во Њукасл, а на чекор се да ја загубат и втората голема желба – Ренато Санчез.