Меси ургира во Барса да го земат Марсело Биелса како замена за Сетиен

Веќе не е ни новост дека Барселона планира да го смени тренерот и Кике Сетиен после ужасната домашна сезона да замине од „Камп Ноу“, а тимот да го преземе некој друг тренер, па како последен на долгата листа на желби е и шефот на македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски од Лидс, Марсело Биелса.

Но, овојпат за Биелса, голем притисок кај раководството на тимот прави првата ѕвезда на Барса, Лионел Меси, кој го посакува својот сонародник за шеф на стручниот штаб. Меси ургирал за Биелса во период додека аргентинскиот стратег сè уште нема потпишано нов договор со Лидс после пласманот во Премиерлигата по 16 години пауза за овој англиски клуб.

Прва желба на раководството на Барса е легендарниот Чави да биде тренер, но за Меси во моментов Биелса е подобро решение поради искуството и начинот на кој ја води екипата и фудбалската философија која е многу блиска до таа на Барселона. Плус фактот дека Пеп Гвардиола не штедеше пофални зборови за Биелса е уште еден доказ дека Аргентинецот ќе има успешна авантура на „Камп Ноу“.