„Мбапе донесе одлука, во февруари потпишува повеќегодишен договор со Реал Мадрид!“

Најголемата француска ѕвезда во моментов, Килијан Мбапе го избра Реал Мадрид и во февруари ќе го потпише договорот за на лето како слободен играч да му се приклучи на „кралскиот клуб“, објави еден од најпознатите италијански новинари, Џанлука Ди Марцо.

Повеќе од година ипол трае сагата со заминувањето на Мбапе во најтрофејниот клуб во Европа, а посебно кулминираше летово, но ПСЖ се реши да го задржи и да не го продаде, иако наводно имало понуда од 200 милиони евра, што се премногу пари за фудбалер на една година пред договорот.

Иако мајката на Мбапе објави дека во моментов се преговара со ПСЖ за нова соработка, откако актуелната завршува во јуни догодина, според Ди Марцо веќе сѐ е познато и Мбапе го избрал Реал, па за три месеци ќе потпише повеќегодишен договор и летоска ќе замине на „Сантјаго Бернабеу“.

„Мбапе се реши да ризикува. Не станува збор тука за пари, нити некакво ултимативно заминување од ПСЖ и Франција, туку едноставно е дека сака нов предизвик и дека сака да игра во дресот на Реал Мадрид. Веќе ги договори сите услови со Реал, а со 'кралевите' не може да потпише пред февуари идната година. Килијан веќе реши и сега само некое големо изненадување може да му ја смени таа одлука, која е конечна“, објави Ди Марцо.

Мбапе замина во ПСЖ во летото 2017 година од Монако и неговиот трансфер вреден 185 милиони евра е втор најскап, кој беше платен една година подоцна, после рекордниот на Нејмар од Барса во ПСЖ пред четири години за 222 милиони евра.