Манчестер јунајтед не дозволи да го загуби второто место на табелата ни привремено, освојувајќи нови три бода и тоа во дербито против Челси. Победата од 2-1, на некој начин беше и порака до сите што сметаа дека тимот на Жозе Мурињо влегол во криза.

Веројатно немаше подобар момент за Манчестер јунајтед да забележи победа против еден голем ривал и да фрли заборав врз бледото издание во Лига Европа, кај Севилја, пред три дена. 

Личеше дека ќе биде уште еден црн ден за „црвените ѓаволи“, кога Челси поведе со голот на Вилијан. Самиот освои топка во сопствениот шеснаесетник,  а по неколку додавања се најде во противничкиот и шутираше прецизно за 1-0. Сепак, не помина долго додека Јунјтед изедначи, по една убава акција на Санчез, Марсијал и Лукаку, во 39. минута.

Комплетниот пресврт дојде во вториот дел, а стрелец беше резервистот Џеси Лингард со глава, по нафрлувањето на Лукаку. Тоа се случи во 75. минута, а потоа на терен „влезе“ автобусот на Жозе Мурињо. Португалецот ја спроведе својата препознатлива дефанзивна игра, ги затвори приодите кон голот и го сочува водството.

Манчестер сега има 59 бода, два повеќе од Ливерпул, а Челси остана четврти со 53. Манчестер сити е прв со 72 бода и со натпревар пред себе.