„Кога водиш против Милан треба да се браниш со – нож во забите!“

Екипата на Јувентус и во четвртиот меч од новата сезона не дојде до првата победа, откако синоќа ремизираше дома против Милан (1-1), што го разбесни тренерот Масимилијано Алегри.

Причина за тоа беше фактот што „бјанконерите“ поведоа уште во четвртата минута, но не успеаја да го одбранат водството до самиот крај, па противникот успеа да изедначи.

„Лут сум поради тоа што се случи на мечот, вака не се освојуваат титули. Одигравме многу добро во првото полувреме, но за малку загубивме во второто. Го контролиравме натпреварот сè додека не изедначија, но кога играш добро и имаш водство на 15 минути пред крајот, треба да се браниш со нож во забите. Ако Милан нè победеше, ќе испадневме од трката за скудетото. Сега имаме шанса да се вратиме, но треба да се подобриме во дефанзивата. Не може само да постигнуваме голови“, изјави Алегри.

Јуве има два порази и двапати одигра нерешено, а шансата за првата победа ќе ја има веќе задутре, во дуелот против Специја.