Како пред 15 години со Роналдо: Реал објави кога ќе го претстави Мбапе, се очекува полн „Бернабе“

Деценија и пол по трансферот на Кристијано Роналдо од Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид повторно најавува спектакуларно претставување на својата нова голема ѕвезда.

Од идниот месец, официјално, играч на „кралскиот клуб“ ќе биде Килијан Мбапе, а промоцијата на францускиот репрезентативец ќе се одржи на 16 јули, два дена по финалето на Европското првенство. Како и во случајот со Роналдо, претставувањето ќе се одржи на стадионот „Сантијаго Бернабе“ и клубот очекува трибините да бидат исполнети до последното место.

Во 2009 година, кога беше претставен Роналдо, се собраа околу 80 илјади навивачи на Реал, па најверојатно така ќе биде и сега. Сепак, престојот на Мбапе во Мадрид ќе биде краток бидејќи веднаш потоа ќе замине на одмор. Најверојатно ќе ја пропушти турнејата низ САД, а на тимот ќе му се приклучи на една недела пред Суперкупот на УЕФА, против Аталанта.