
Јунајтед забрани купување дресови со испечатено Роналдо, Бекам и Кантона на грбот (ФОТО)
Ограничувањето било забележано од еден навивач, кој со својот син се обидел да нарача дрес со едно од овие имиња, но бил информиран дека тоа не е можно „поради лиценцни ограничувања“. Информацијата беше споделена на Твитер, каде што се прошири брзо меѓу фановите. Од клубот засега нема официјално објаснување за забраната, но британските медиуми наведуваат дека најверојатна причина се проблемите со т.н. „имиџ права“ – правата за користење на имиња и брендови на поранешни ѕвезди, кои имаат луксузни договори за личен маркетинг и употреба на имињата во комерцијални цели.
Тројцата споменати играчи се сметаат за некои од најголемите во историјата на клубот – Кантона освои четири титули по доаѓањето од Лидс во 1992 година, Бекам беше дел од славната генерација која ја освои Лигата на шампионите во 1999, додека Роналдо во својот прв мандат со Јунајтед освои три титули од Премиер лигата и една во Лигата на шампионите.
Манчестер јунајтед во меѓувреме ја започна својата претсезонска турнеја во САД, со натпревар против Вест Хем, по што следуваат мечеви со Борнмут и Евертон. Во составот се наоѓа и новото засилување – Брајан Мбеумо, кој пристигна од Брентфорд за 71 милион евра.
ФОТО: EPA PHOTO