Италија и Германија и официјално ќе имаат по пет претставника во новата ЛШ!

Федерациите на Италија и на Германија и официјално добија дополнително место во Лигата на шампионите следната сезона, откако нивните клубови се претставија добро во европските натпреварувања оваа сезона, објави УЕФА.

Така, во следната сезона од новот издание на најквалитетното клупско натпреварување ќе играат по пет клуба од Серија А и од Бундеслигата. Со проширувањето на ЛШ на 36 екипи, УЕФА соопшти дека две од четирите дополнителни места ќе бидат пополнети од европските асоцијации „со најдобро комбинирани перформанси на нивните клубови“ во натпреварувањата на УЕФА.

Со завршувањето на полуфиналните натпревари во Лигата на шампионите, Лигата на Европа и Конференциската лига оваа недела, УЕФА само потврди дека Италија и Германија се загарантирани да завршат во првите две од клупските коефициенти.