Гвардиола доби награда по рекордната сезона со Манчестер сити

Манчестер сити го продолжи договорот со својот менаџер Пеп Гвардиола до 2021 година. 

Шпанецот имаше уште една година од првичниот договор, но откако сезона испиша нова историја во Премиерлигата, раководството на „граѓаните“ очекувано го „врза“ со нов подобрен договор. Засега финансиските детали не се откриваат, но ако се знае дека заработуваше околу 17 милиони евра со претходниот договор, се очекува неговата плата да се зголеми за некој милион.

„Среќен сум и возбуден. Навистина е задоволство да се работи тука“, вели Гвардиола. „Уживам во работата со играчите секојдневно и заедно ќе се обидеме да го дадеме максимумот и во иднина. Како тренер треба да се чувствувате убаво заедно со играчите, а јас се чувствувам одлично“, додава менаџерот на Сити.

„Граѓаните“ сезонава ја освоија титулата во Премиерлигата со рекордни 100 бодови, а сруши уште два рекорди, со постигнати 106 голови и сезоната ја заврши со 32 победи.

Интересно е тоа што, доколку Гвардиола го одработи својот договор до крај, односно до 2021 година, тоа ќе биде негов најдолг ангажман во кариерата. Во Барселона работеше четири години, додека во Баерн Минхен една помалку.