Дембеле потпиша нов договор со Барса, ама уште зимава може да си – замине!

Французинот Осман Дембеле после едногодишна сага околу неговата иднина на крај реши да остане во Барселона и потпиша нов договор, арно ама Каталонците не се многу сигурни дека долго ќе го задржат, па тој уште зимава може да си оди.

Иако на најголемите суперталенти како Педри, Ансу Фати, Гави, Барса им стави откупна клаузула од една милијарда, во случајот со Дембеле, таа е дури и смешна после толку перипетии и желба да биде задржан еден од најскапите фудбалери во историјата на клубот.

Како што објавија каталонски медиуми, Дембеле од Барса може да си замине ако некој понуди 50 милиони евра, а тоа што е уште посмешно од трансферот Каталонците ќе заработат само половина – 25 милиони евра.

Останатите половина пари од трансферот ќе си ги земе Дембеле, зашто прифатил да игра за помала плата од таа што ја имаше претходно, иако во нето сума може да ги достигне 11-те милиони евра годишно ако успее да ги достигне сите бонуси.

Дембеле беше на мета на низа други гиганти, пред сѐ од англиската Премиерлига, а ваква сума од 50 милиони не е нешто превисоко да не може да го платат, особено клубови како Челси, Њукасл, Арсенал кои беа и заинтересирани.