Дебито на Елмас за Наполи против европскиот шампион Ливерпул?

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас денеска официјално ќе стане нов член на италијанскиот вицепрвак Наполи, откако синоќа Фенербахче го потврди трансферот под Везув.

Елмас за неполн час би требало да пристигне во Рим, каде ќе ги изврши лекарските прегледи и потоа ќе го потпише петгодишниот договор за трансферот вреден 16 милиони евра со што ќе стане најскапиот Македонец во историјата, а потоа експресно ќе им се придружи на новите соиграчи на тренинг кампот и ќе ги започне подготовките.

Според најавите на италијанските медиуми, Елмас за пет дена ќе го има и своето деби во дресот на наполитанците и тоа против европскиот првак Ливерпул, меч закажан за 28 јули од 18 часот во предсезонскиот меч. Следен дуел за Наполи е пресметката со Марсеј на 4 август. Инаку официјалното деби македонскиот бисер ќе го има на крајот на август кога ќе почне новата сезона во Серија А, а тој ќе игра и во Лигата на шампионите.