Чурлинов со Штутгарт тргнуваат во Бундеслигата на 18 септември

Германската Бундеслига прва продолжи и прва ја заврши сезонава која имаше сериозен прекин поради ударот на Ковид-19, па сега само европските бундеслигашки мечеви ќе чекаат еден месец за да ја продолжат европската сезона, а останатите за да се вратат на терен на официјалните мечеви ќе чекаат многу подолго – до 18 септември.

Според најавите од Германија, фудбалската лига (ДФЛ) ја разгледува опцијата за да го закаже терминот за 18 септември како почеток на новата сезона, а ова практично е најран термин за да им се остави простор на екипите кој ќе ја доигруваат европската сезона да земат краток здив и со мало освежување потоа да тргнат во новата сезона.

Сега Германците мора да го усогласат календарот, а самиот факт што мора да завршат и порано поради Евро 2020 кое ќе се игра догодина од 11 јуни до 11 јули, значи дека ќе се крати најверојатно зимската пауза, од причина што поради ТВ-договорот, нема да може да користат многу повеќе од првично предвидените термини за мечеви преку работна недела.

Македонскиот младински репрезентативец Дарко Чурлинов после нешто повеќе од пола година се враќа во Бундеслигата, откако лани дебитираше во елитата како дел од Келн, а зимава го засили Штутгарт и со овој клуб се избори за место во германската елита.