Бундеслигата ќе продолжи во мај - под три услови!

Европа уште се наоѓа во длабока изолација поради пандемијата со коронавирусот и вистинска храброст е во овој момент да се зборува за датуми за продолжување на натпреварите. Меѓутоа, ако некој тоа го може, тогаш тоа се организираните Германци.

Во минатите неколку дена почнаа да се покреваат бундеслигашките екипи и една по една да се враќаат на тренинзи, се разбира, под строги услови. Утре се очекува лидерот Баерн Минхен да се врати на тренирање и сето тоа е некакво навестување дека Бундеслигата би можела прва да се врати на терен.

Суспензијата која во моментов е во сила таму, ваи до 30 април, а според едно интервју на каналот ЗДФ не е ништо чудно натпреварите да продолжат набргу потоа. Гостин на германската телевизија беше вирологот Аленсандар С. Кекуле, кој објасни дека фудбалското првенство ќе може да продолжи, но за тоа треба да се исполнат три услови.

„Проблемот може да биде решен само ако за фудбалерите се направи посебен т.н. 'балон'. Екипите мора да бидат во посебни карантини, тоа е првиот услов, а вториот е дека на располагање треба да имаат барем околу 20.000 теста, за да можат да се вршат постојани проверки за коронавирус“, смета Кекуле.

Третиот услов за да функционира првенството е на фудбалерите да им бидат издадени посебни дозволи за непречено движење, бидејќи во Германија веќе се практикуваат одредени ограничувања во движењето низ различните провинции. Ако се исполни сето ова, смета Кекуле, Бундеслигата може да продолжи. 

Се разбира, секое играње фудбал би било зад затворени врати, без публика, но во интерес на ТВ-правата. И ваквото сценарио е далеку од поволно за некои од клубовите, кои веќе најавија дека се пред банкрот, бидејќи остануваат без приходите од навивачите. Сепак, германската фудбалска федерација веќе побара финансиски извештаи од сите 36 клуба во првата и во втората Бундеслига за да види што може да се стори за да им се помогне.