„Алиоски има 30 меча досега и вие сакате да нема падови?!“

Македонското репрезентативно крило Езгјан Алиоски одамна е на удар на навивачите на англиски Лидс, кои никогаш не се задоволни од настапите на македонскиот фудбалер, без оглед каков учинок имал во дресот на клубот во Чемпионшип.

Но, и покрај големото незадоволство на навивачите, кои буквално по социјалните мрежи го распнуваат Алиоски, во одбрана на македонскиот репрезентативец застана менаџерот на Лидс, Марсело Биелса. Популарниот „лудак“ им објасни и на медиумите и на навивачите дека не може да чекаат од Алиоски да игра постојано во ист ритам и во иста форма во текот на целата сезона.

Алиоски е стандарден првотимец кај Биелса, но на последните три меча – трипати беше заменет. Со Бристол одигра еден час, а против Рединг и Шефилд само едно полувреме. И Биелса сето тоа го оправда со зборовите дека Алиоски досега има 30-на мечеви во сезоната.

„Вредноста на Алиоски што ја има кај мене е многу важна и таа е иста. Моето мислење за него е исто, тој секогаш ќе има позитивно влијание на тимот. Видете, Алиоски досега одигра 30 мечеви во сезонта. Треба да земете в предвид дека ги одигра сите мечеви во Чемпионшип, играше за репрезентацијата, играше ку-мечеви. Тешко е да мислите дека некој може да одигра 30 меча, а да нема падови. Тешко е тоа. Така да Алиоски е многу важен играч за нас“, вели Биелса.

Македонскиот репрезентативец досега во сезоната даде три гола и запиша четири асистенции, а во Лидс игра од стартот на минатата сезона, каде дојде од швајцарски Лугано. Медиумите во Англија, пак, коментираат дека Биелса треба да го седне Алиоски на клупа за да го одмори, посочувајќи дека претходникот Томас Кристијансен секојпат го седнувал Алиоски на клупа после настапи на македонскиот репрезентативец за националниот тим.

Алиоски во Лигата на нации даде три гола и со Македонија стигна до домашен плејоф за палсман на Евро 2020, ако црвено-жолтите не успеат да ја минат квалификациската група со Полска, Австрија, Израел, Словенија и Летонија во евроциклусот од март до ноември идната година.