Барселона пред банкрот! Каталонците молат за привремен отпис на долг од 200 милиони

Шпанскиот великан Барселона се наоѓа во ужасна финансиска состојба, која секој момент може да донесе тотална пропаст и банкрот, поради неверојатни долгови од 601 милион евра, поради кој сега Каталонците молат кај големите доверители да се одложи исплатата на долговите за да не се соочат со најнепосакуваното сценарио.

Барселона сериозно заглави во минус после серијата нелогични и скапи трансфери откако го продадоа Нејмар за 222 милиони евра, па Каталонците само на тројца фудбалери потрошија преку пола милијарда евра (Осман Дембеле, Фелипе Кутињо и Ентоан Гризман), а огромните плати од кои само Лионел Меси има преку 50 милиони годишно, го доведоа клубот да оди по раб на бездната и сега се соочува да доживее срам и да стане несолвентна.

Во моментов клубот е без претседател со привремена управа и презакажани избори за почетокот на март, а како што објавуваат медиумите на Пиринеите, дури 300 милиони од вкупниот долг од 601 милион доаѓаат за наплата за банкарските кредити многу наскоро и ако Каталонците не успеат тоа да го регулираат ќе се соочат со банкрот.

Поради ова, великанот сега моли кај големите доверители и компании како „Алијанц“, „Голдман Сакс“, „Амунди“, „Прудентиал“ да се одложи побарувањето на долгот за одреден период за клубот да може да се стабилизира и потоа да го сервисира долгот, за да се избегне несолвентност и да влезе во ситуација на банкрот. Сега Каталонците молат на привремен отпис на долговите во вредност од 200 милиони евра.

Долгот на Барселона се дуплирал откако заврши последната сезона која беше прекината и со пандемијата со коронавирус, па клубот со намалувањето на платите и одложувањето на исплатата на бонусите заштеди 150 милиони евра, за да ја прескокне првата пречка која можеше да ги однесе во банкрот, но сега се соочуваат со потешка, да ги намолат големите компании да почекаат со побарувањата кои се застрашувачки.