Барса има уште неполни два дена за да го купи Лаутаро од Интер

Не е тајна дека шпанска Барселона силно го посакува аргентинскиот напаѓач на Интер, Лаутаро Мартинез, во кого гледаат долгорочно решение и наследник на Луис Суарез како „деветка“ на тимот, но засега сите обиди и понуди од Каталонија, на „Џузепе Меаца“ ги одбија.

Последната понуда од 65 милиони евра плус Жуниор Фирпо од Интер ја одбија, па сега полека времето на Барса и изминува ако сака да го купи Лаутаро, чија откупна клаузула е 111 милиони евра. Интересно, како што објавуваат италијански медиуми, клаузулата на Лаутаро може да се активира најдоцна до утре (7 јули) и тоа за клубови кои се надвор од Италија.

Сега Барса е на потег, но прашање е дали во овој период на криза ќе влезат во таков ризичен потфат, особено што во изминативе години Каталонците потрошија купишта пари и ниту едно од засилувањата над 100 милиони евра не им се погоди (Кутињо, Дембеле...). Ако Каталонците ја испуштат можноста, од Милано се најавува дека Лаутаро ќе добие нов договор со пет милиони евра годишна плата, двојно повеќе од досегашните 2,5 милиони, но тоа што Интер ќе го искористи е да ја ревидира откупната клаузула над 200 милиони, а Аргентинецот би добил договор до 2024 година.

Од Интер веќе најавија дека се големи оптимисти дека ќе го задржат напаѓачот и дека тој нема да замине од клубот.