Барса го избрка тренерот, се враќа последниот освојувач на титулата во Евролигата!?

Неколку часа по дебаклот од Жирона (78-96), раководството на Барселона му додели отказ на тренерот Жоан Пењароја.

Вакво сценарио беше најавено уште во петокот кога „блауграна“ загуби на домашен терен од Реал во евролигашкото Ел Класико, но на шефот на стручниот штаб му беше дадена уште една шанса која тој, сепак, не ја искористи. Пењароја ја презеде Барселона пред почетокот на минатата сезона, но не само што не успеа да освои трофеј, туку доживеа многу разочарувачки резултати, како во шпанското првенство, така и во Евролигата.

Наследник на Пењароја најверојатно ќе биде Чави Пасквал, тренерот под чие водство Барселона ја освои втората и досега последна титула во Евролигата, во 2010 година. Тој е без ангажман откако летоска си замина од Зенит, а самиот неколку пати изјавуваше дека би сакал пак да ја преземе Барселона и да работи во Евролигата. На дуелот против Баерн во вторник, екипата ќе ја води Оскар Орељана, а дури потоа ќе се знае кој ќе го наследи Пењароја.