Атлетик стигна во финалето и ќе се обиде да го прекине четиридецениското проклетство (ВИДЕО)

И во реванш натпреварот од полуфиналето, Атлетик Билбао го совлада Атлетико Мадрид и обезбеди пласман во мечот за трофејот во Копа дел Реј.

На домашен терен, баскијците славеа со 3-0 и по јубилеен 40. пат ќе играат во финалето од националниот Куп. Веќе по првото полувреме беше јасно дека Атлетик ќе продолжи понатаму бидејќи освен триумфот од првиот меч со 1-0, по 45 минути игра во реваншот водеше со 2-0, благодарение на головите на браќата Вилијамс. Гурузета во вториот дел само го постави конечниот резултат за еуфорија на Сан Мамес.

Финалето од Копа дел Реј е закажано за 6 април на Олимпискиот стадион во Севиља. Атлетик за противник ќе ја има Мајорка, а ќе се обиде да го освои првиот трофеј во Купот по пауза од 40 години, односно по сезоната 1983/84. Оттогаш, баскискиот тим шест пати играше во финалето (ова ќе биде седми), но не оствари ниедна победа. Во четири од овие шест финалиња, подобра од Атлетик беше Барселона. Пред четири децении, кога го освои последниот пехар, тимот од Билбао беше најтрофеен во ова натпреварување, но долгиот пост ѝ овозможи на Барса да го преземе тронот.

Мајорка има само еден триумф во Купот и тоа во 2003 година кога во финалето го совлада Рекреативо со 3-0, на крилјата на Самуел Ето.