Мора да се воведе ВАР: Стевковски одбрани пенал, па судиите неправедно го повторија (ВИДЕО)

Не стивнуваат реакциите во македонскиот фудбал и поплаките кон судиите. Откако тренерот на Вардар, Александар Васоски по социјалните мрежи распука по луѓето кои ја делат (не)правдата во домашното фудбалско првенство, денеска имаше уште една крајно сомнителна ситуација овој пат на штета на Македонија Ѓорче Петров.

„Лавовите“ гостуваа во Велес кај Борец и загубија со 2-1.Спорен е првиот гол на велешани со кој го отворија резултатот во 85-тата минута. Домашниот тим доби пенал, а Никола Прелчец ја презема одговорноста. Голманот на Македонија Ѓорче Петров, Христијан Стевковски го одбрани ударот на хрватскиот интернационалец, но главниот судија Димитар Мечкаровски го повтори ударот по сигнализација на помошникот Слаѓан Маркоски, бидејќи наводно гостинскиот чувар на мрежата порано ја напуштил гол-линијата.

Видеото и фотографијата подолу покажуваат дека Стевковски во моментот на шутот на Прелчец со десната нога е на гол-линијата

 

Ваквите судиски одлуки директно влијаат на конечниот резултат и исход од натпреварите. Македонскиот фудбал мора што побрзо да ги примени светските трендови и да се воведе ВАР-технологија во Првата лига. Во спротивно, клубовите ќе продолжат да се жалат на судиска неправда по секое одиграно коло, бидејќи грешки навистина има.