Вардар по пенал-рулет ја елиминира Победа, лесни триумфи за Пелистер и Работнички (ВИДЕО)

Денеска се играа натпреварите од македонскиот Куп, а лесни триумфи во осминафиналето обезбедија екипите на Македонија Ѓорче Петров, Работнички, Пелистер и Ренова, додека во Прилеп се играа пенали на кои подобар беше Вардар со 5-4, откако во регуларниот дел резултатот беше 1-1.

Домаќинот беше опасен на самиот старт на натпреварот, кога создаде две шанси до 10 минути, при што од една ја погоди пречката на „црвено-црните“. Тука не запреа проблемите за скопскиот тим бидејќи пет минути подоцна Победа повторно се закани, но овој пат голманот на Вардар беше на висина на задачата и ја одбрани својата мрежа.

Во 36. минута Вардар за првпат се закани посериозно кон голот на домаќините, но топката заврши во стативата откако претходно се одби од еден дефанзивен играч.

Во вториот дел предност за гостите носи Дејан Блажевски со спектакуларен погодок од слободен удар, кој заврши во мрежата на Победа за 1-0.

Победа се обидуваше да се врати во натпреварот, по што во 68. минута имаше две големи шанси од кои едната повторно ја одбрани голманот на „црвено-црните“.

Во 72. минута дојде до кошкања на теренот, при што беше исклучен еден од фудбалерите на Победа, која сепак до израмнување доаѓа во последните минути од мечот преку Филип Стомнаровски.

На пенали и двете екипи беа прецизни до петтата серија, кога последниот пенал на натпреварот го промаши Победа, па така Вардар си обезбеди место во осминафиналето на Купот.

Резултати:

Детонит – Македонија ЃП 0-3
Каменица Саса – Струга 0-2
Гостивар – Ренова 0-4
Слога Виница – Работнички 0-3
Воска Спорт – Брегалница 0-1
Љуботен – Пелистер 0-9