Вардар го промовираше „белокосиот“ Фелипе: Дојдов за да ја вратиме титулата!

Вардар конечно го промовираше бразилскиот интернационалец Хуан Фелипе Алвес Рибеиро, кој во Скопје се враќа по неполна година, по авантурата во Казахстан.

Иако се знаеше уште од поодамна, Фелипе од денеска и официјално е дел од „црвено-црните“, зашто стигна и потребниот сертификат со што се стекна со право за настап уште на првиот меч во пролетниот дел од сезоната, в недела со Шкендија. 

Фелипе потпиша договор до крајот на сезоната, со надеж дека соработката ќе продолжи и понатаму.

„Иако десетина месеци не бев дел од Вардар, се чувствувам како никогаш да не сум заминал.  Ова е мојот дом, го сакам клубот, ги сакам навивачите 'Комити' од кои верувам дека ќе ја имаме поддршката на секој натпревар. Се враќам во добро позната средина. Гледам дека се сменија некои работи од минатата година до сега, сепак, добро се познавам со дел од играчите. Верувам дека повторно одлично ќе соработуваме, и се надевам на добри игри“, рече Фелипе.

Малку нескромно, со оглед на ситуацијата во која се наоѓа клубот, Бразилецот верува дека Вардар може да дојде до титулата.

„Се вратив за повторно да се обидеме да дојдеме до титулата и да ја вратиме онаму каде што припаѓа. Ќе биде тешко во пролетниот дел, но ќе се бориме и јас се надевам и посакувам со добри игри и со добри резултати, повторно да бидеме на првото место на крајот од сезоната. Некои од играчите се нови, јас не ги знам, меѓутоа поголемиот дел ги познавам. Вардар има квалитет, Вардар секогаш оди на победа, на прво место, и така ќе биде и во овој втор дел од сезоната“, рече Фелипе.