Вардар би бил носител во ЛШ ако првенствата завршат како до прекинот (ФОТО)

Најтроејниот македонски клуб Вардар би бил носител во квалификациите за Лигата на шампионите, ако успее да ја освои 11-та титула во независна Македонија и да ја задржи предноста од 11 бода до прекинот на Првата лига поради пандемијата со коронавирус, а најголемиот ривал на скопјани, Шкендија ќе има улога на носител во Лига Европа.

Според пресметките што ги направија специјализирани страници за рејтинг, водејќи се по системот на рејтинг и поделба на носители и неносители за новата европска сезона, вардарци и покрај тоа што лани поради недобивање на лиценца не излегоа на меѓународна сцена, со рејтингот 5,000 би имале статус на носител, ако првенствата практично завршат како што е моменталниот распоред на табелите до прекинот на фудбалските активности.

УЕФА вчера се закани до сите федерации да не избрзуваат и да ги прекинат првенствата, а потоа да прогласат шампиони, без да се даде шанса летово да се доиграат шампионатите, зашто во таков случај земји како Белгија, која веќе го прогласи Клуб Бриж за шампион нема да добијат места за Европа.

Иако од сезоната практично има да се доигра уште скоро третина, во моментов, Вардар со убавата предност е на добар пат да стигне до титула, а солидниот ретјтинг да му донесе полесен противник во првото коло, иако тоа ништо не значи, иако би имал евентуално улога на фаворит. Бидејќи тетовска Шкендија теоретски има шанса за титула, исто и актуелниот првак, во счучај да ја одбрани титулата, би бил носител во првото коло особено зашто има и подобар рејтинг од Вардар од 7,250 поени.

Ако првенствата би завршиле според пласманот до прекинот, Вардар би го чекале противници од групата на неносители како Динамо Тбилиси (Грузија), Фола Еш (Луксембург), Ѓургарден (Шведска), Линфилд (Северна Ирска), Будуќност (Црна Гора), Флора Талин (Естонија), Динамо Брест (Белорусија), Рига (Летонија), Коханс (Велс), Ки Класвик (Фарски Острови), Европа (Гибралтар), Арарат (Ерменија), Купс (Финска), КР Рејкјавик (Исланд), Тирана (Албанија), Флоријана (Малта).с

Сепак, сето ова е само една проекција, зашто прво сè зависи од борбата со Ковид-19 и фактот дали ќе има услови за да се доиграат првенствата, зашто секоја земја има различна криза со новиот вирус, а втор е фактот што промени на табелата евентуално би имало плус од причина што со сериозен прекин на првенството, клубовите ќе имаат сериозен проблем за да фатат некакво ниво на форма, па отаму и можноста за сериозни промени на табелата.

За црвено-црните најидеално е сите првенства да завршат како што е состојбата сега, кога и да се доиграат, а со тоа и со освојување на шампионскиот трофеј да добијат „лесен“ ривал кој би им донел шанса да поминат едно коло, а со тоа наградата од УЕФА практично да стане милионска. Јасно е дека од второто коло во ЛШ, Вардар би бил неносител, а елиминацијата потоа би ги одвела во шампионска група во разигрување за Лига Европа.

Поради пролонгирањето на сезоната која сега според новите проекции од Нион би продолжила летово во јуни, јули и август, практично новата сезона на меѓународна сцена ќе продолжи 15 дена по финалето во ЛШ, некаде на почетокот на септември, што би значело дека македонскиот шампион би достигнал добра форма низ домашните мечеви за да има многу поуспешна промоција во Европа за разлика од ланското лето.