УО на ФФМ – дувло на расипници: За еден мандат трошат 500.000 евра!
ФФМ одамна е најмоќна федерација со милионски буџет кој оди и до десет милиони евра годишно, па кога се има многу пари, под превезот „го развиваме фудбалот кој е на прво место“, решаваат својата (не)работа добро да ја наплатат.
УО на ФФМ е највисоко тело, веднаш под Собранието, кое пак ја избира фудбалската Влада, откако ќе се спроведе фарса од општински избори во кои секој делегат добива некаква привилегија. А, вкупно 13 одбрани персони добиваат место во фотелјите на УО во кои годишно си трошат 130 илјади евра или половина милион за еден четиригодишен мандат.
За речиси ништо, за една седница месечно, петнаесетчлениот УО (13 члена плус претседател и генсек) во еден мандат трошат за свое луксузирање пари со кои најмалку може да се направат четири терени за тренинг во земјава. Да е најсмешно од сѐ, за луѓето во фудбалот можеби и трагично, од година во година луксузот наречен УО на ФФМ станува сѐ поскап и поскап. Ама и овој пола милион евра за четири години на фотелјашите очигледно им е малку, па ако се случи историски успех од типот на пласман на А-селекцијата на Евро 2021, што носи финансиски бенефит од 9,25 милиони евра во касата на ФФМ, награда мора да има. Па си поделиле 300.000 евра, односно по 20.000 евра од член, како заслуга за пласманот. Која е нивната заслуга за ваква премија, освен што божем нешто се состануваат еднаш месечно и експресно гласаат, а се шетаат низ Европа на трошок на репрезентацијата како гости – никој не знае!
Пред две години фотелјашите од УО сами си се наградија со зголемен паушал од 28.000 денари (460 евра) од седница, што му доаѓа како дневница. Ваква дневница нема ни просечен Германец, ама...
Ајде што имаат паушал, па добиле и службен телефон, туку на годишно ниво од касата добиваат патни трошоци и дневници за странство (кога одат на прошетка низ европските земји), кои достигнуваат и до 25-30 илјади евра. Па, имаат и службени ручеци, гоштевања... И сето тоа годишно само за нив, буџет од најмалку 130.000 евра.
И на сето ова ако додадеме дека претседателот има платена функција со месечни 4.000 евра плата (Илчо Ѓорѓиоски ја направи промената), ако потпретседателот Лазар Ракиџиев има двојно помалку, тогаш уште 70.000 евра плус е трошокот за главните фудбалски ликови, кои практично го раководат фудбалот. Па, сега на сето тоа, плус данок на овие исплатени пари...
За фудбалската Влада да им се оддолжи на другите делегати, кои за да кренат рака имаат дневница за присуство на Собрание од стотина евра, следат одлуки за нивна распределба по разно-разни комисии, одлука за контролори на судење со дневница од 5.000 денари за два часа гледање фудбал (20-на илјади месечен приход) итн...
Не е ни чудо што годинава, фотелјата не ја даваат никако, па се инаетат (стравуваат) дека усогласувањето на Статутот со Законот за спорт, ќе значи крај на нивното расипништво, бидејќи клубовите меѓу кои и најголемите брендови веќе се побунија и не ја признаваат комплетната фарса од општински избори и изборно Собрание на ФФМ.
А помеѓу овие „вечни“ фотелјаши кои повеќе од еден мандат се заседнати во УО, има и такви што "свртеле" и неколку претседатели, па јасно е зошто толкава е „тепачката“ за да се остане во куќата на фудбалот.
А за фудбалот, кој навидум е „на прво место“ нека му ја мислат други.