УЕФА го одра Агим Ибраими за удирањето судија против Дуделанж!

Поранешниот македонски репрезентативец и актуелен член на македонскиот првак Шкендија, Агим Ибраими доби жестока казна од Европската фудбалска унија (УЕФА) поради нападот врз судијата на реванш мечот во Луксембург против Дуделанж во второто квалификациско коло за Лига Европа летово.

Ибраими добил суспензија од УЕФА со траење до 31 декември 2020 година откако бурно реагираше на вториот црвен картон за Шкендија во самиот финиш од мечот, па прво вербално му се пушти на судијата, а потоа и му удри глава, по што главниот арбитар му покажа црвен картон.

Ова е најжестока казна што еден македонски фудбалер ја добива од дицсиплинската комисија на УЕФА за своето однесување, но казната и не треба да изненадува, особено откако хрватскиот репрезентативец Анте Ребиќ доби осум меча суспензија поради вербален напад врз судиите додека беше дел од Ајнтрахт Франкфурт. Со ова Ибраими нема да може да игра за Шкендија во евро-натпреварите во следната сезона. 

Ибраими сега има право на жалба во рок од три дена и казната може да му биде ублажена, но тешко дека УЕФА може да прогледа низ прсти за вакви неспортски потези, па сега се доведува во прашање потребата Шкендија да го има во составот, кога веќе нема да може да смета на него за целата идна сезона во европските натпреварувања.