Струга ТЛ се врати на предноста од четири бода после денешната помош од Академија Пандев, која со ремито 1-1 го сопна првакот Шкупи, а стружани славеа минимално со 1-0 против Работниќки на гостувањето во Скопје, во ова 24-то коло прволигашко коло.

Димитар Трајков, резервистот на Пандевци и човекот кој пред две недели во Кичево во 93-та минута им зема два бода на чаирчани, денеска повторно беше клучен со изнуден пенал за бод на својот тим, откако Кристијан Велиновски го реализираше ударот од белата точка во 80-та минута од мечот, за да ги казни актуелните шампиони.

Шкупи влезе преагресивно, на раб да се тепа во 90 минути наместо да игра фудбал, па низа преостри стартови имаше на мечот, кошкања, турканици, а сѐ почна со крвничкиот старт на Али Адем за директно исклучување после кунг-фу ударот во главата на Илија Донов. Но, иако имаа десетмина, Шкупи преку Гаги Маргвелашвили по пола час игра поведе и Академија Пандев беше тотално запрена, па домаќините имаа само една вистинска шанса кога Кристијан Наумовски одбрани фантастично по бомба на Агрон Руфати на крајот на првиот дел.

Во вториот, цврстата дефанзива не ѝ дозволи на Академија Пандев да направи шанса, па залудна беше доминацијата со топката, сѐ до последните десет минути, кога еден обид да се пробие низ средина, Маргвелашвили направи пенал врз Трајков, па Велиновски го реализира за бод, важен за струмичани во трката за опстанок со кој сега се на плус шест пред Скопје, а седум пред последната Победа.

А, Шкупи иако со фудбалер помалку имаше две неверојатни шанси преку Сандеј Адетунџи кој не ги реализираше и покажа дека е во ужасно лоша форма, па голот пред крајот на Пандевци беше дополнителна казна за Шкупи за тие промашувања, кои сигурно ќе ја завереа победата.

Младиот Христијан Малески, младинскиот репрезентативец на Македонија ѝ донесе многу важна победа на Струга против Работнички со која лидерот сега се врати на четирите бода предност пред Шкупи, откако минатото коло разликата се преполови, па лидерот сега оди на мини-пауза со комотна предност, шанса за освежување, пред следниот предизвик дома против непредвидливите Пандевци.

Силекс ја здроби Победа со 5-1, вторпат во краток период после тирумфот со 4-1 на претходното гостување пред две недели и за да ги остави на прилепчани заковани на последното место, а Македонија ЃП славеше во Кавадарци со 1-0 против Тиквеш, кој сѐ уште нема победа пролетва, после извонредната есен.

Утре колото ќе го затворат претпоследниот Скопје против третопласираната Шкендија на Автокоманда, а слободна во ова коло е Брегалница.

Македонскиот шампионат продолжува за два викенди на 1 и 2 април, зашто следува двонеделната пауза за настапите на македонската репрезентација и младинските селекции во овој термин на ФИФА.

ПРВА ЛИГА, 24. КОЛО

Академија Пандев – Шкупи 1-1 (0-1)

Велиновски 80 п. - Маргвелашвили 30

Победа – Силекс 1-5 (0-2)

Јованов 47 - Рамани 6, Серафимовски 44, Манасиевски 75, Ѓорѓиевски 90, 90+2

Работнички – Струга ТЛ 0-1 (0-1)

Малески 28

Тиквеш – Македонија ЃП 0-1 (0-0)

Фазли 68

УТРЕ

Скопје – Шкендија

Слободна е Брегалница

ТАБЕЛА: Струга ТЛ 46, Шкупи 42, Шкендија 38 (-1), Силекс 38, Бргалница 32, Македонија ЃП 29, Тиквеш 28, Работнички 24, А. Пандев 20, Скопје 14 (-1), Победа 13.