Сите домаќини во вонредното 11-то коло во Првата лига попладнево на гостите не им дадоа ни бод, остварувајќи пет победи по кои Вардар и Академија Пандев останаа израмнети на табелата на врвот со по 24 бода, првакот Шкендија по три меча конечно се израдува на победа, а мизеријата на бившиот шампион Работнички продолжи со поразот на Чаир од Шкупи.

Ниту смената на кормилото на дебармаалци по заминувањето на Александар Влахо и наименувањето на Марјанчо Андрески не помогна за Работнички да изплива од длабоката криза и да го напушти дното, а Шкупи со два гола им ги продлабочи маките на „романтичарите“, особено што веќе в недела ги очекува пресметка во соседското дерби со лидерот Вардар во 12-та рунда.

Бесир Исени во 36-та минута најави нов пораз за Работнички, а Сержињо на 15 минути пред крајот ја завери победата на чаирчани за да стигнат до 16 бода и да се израмнат со Македонија ЃП на третото место, после дебаклот на „лавовите“ во Струмица кај Академија Пандев.

Најтрофејниот македонски клуб Вардар по две ремија во низа им се врати на победите денеска со триумфот со 2-0 против Борец за да остане лидер на табелата со ист број на бодови како и Академија Пандев, во меч на кој црвено-црните не брилјираа, но искористија две можности за рутинска седма победа во оваа сезона.

Вардарци по само 180 секунди од почетокот на мечот на најубав начин го отворија истиот, со гол на Даниел Аврамовски, за полесно да играат во продолжение, но актуелниот лидер беше далеку од добрите фудбалски преттсави, иако имаше контрола на мечот, но премногу грешеше во додавањата, а им се повторуваат проблемите со реализација при добри ситуации за порано да го завршат мечот во своја корист. Али Адем на 20 минути пред крајот ја завери победата и тоа во акција во која Авамовски имаше гол-шанса, а лошо додаде, па од втора младиот Али погоди од десетина метри за да стави точка на мечот. Погодокот на Адем дојде во вистински момент, откако Борец двапати се закани сериозно во противнапади, после грешки на црвено-црните.

Академија Пандев за три минути ја реши Македонија ЃП во Струмица и на крај убедливо славеше со 4-0, откако репрезентативците Љупчо Дориев и Ѓорѓи Стоилов погодија во првиот дел (35-та и 38. минута), а Марко Рајковиќ во 63-та и Горан Томовски во 79-та само ја потврдија убедливата победа за куп-победникот со што струмичани останаа бодовно израмнети со најтрофејниот македонски клуб Вардар.

Актуелниот првак Шкеднија по три меча без победа се врати на победничкиот колосек и триумфираше со 2-0 против Силекс за да избега во горниот дел од табелата. Хуан Фелипе, „големото“ засилување на тетовци со прекрасен слободен удар го отвори мечот по пола час игра, Гледи Мици ја обезбеди победата после нецел час игра, а со автоголот на Дејан Благоевиќ на 12 минути пред крајот ја завери првата победа на новиот тренер Ернест Ѓока на кормилото на црвено-црните после поразот во дебито пред пет дена од Академија Пандев.

Струга Трим Лум стигна до втора победа во серија, откако го победи пред четири дена Работнички, па сега Христијан Драгарски погоди за минималец против Ренова со 1-0 и излегување од позициите наменети за Втора лига и бараж.

ПРВА ЛИГА, 11-ТО КОЛО

Шкендија – Силекс 3-0 (1-0)

Фелипе 31, Мици 57, Благоевиќ 78

Академија Пандев – Македонија ЃП 4-0 (2-0)

Дориев 35, Стоилов 38, Рајковиќ 63, Томовски 79

Вардар – Борец 2-0 (1-0)

Аврамовски 3, Адем 71

Шкупи – Работнички 2-0 (1-0)

Исени 36, Сержињо 75

Струга Трим Лум – Ренова 1-0 (0-0)

Драгарски 53

ТАБЕЛА: Вардар 24, А. Пандев 24, Македонија ЃП 16, Шкупи 16, Шкендија 14, Струга ТЛ 14, Ренова 13, Силекс 12, Борец 11, Работнички 10