Симев: Ние ги следиме правилата на ФИФА и УЕФА, а Тракаи нека пишува што сака

Рускиот џин Мамсим Максимов останува во фокусот на вниманието околу проблемот што литвански Тракаи го направи за неговиот трансфер во македонскиот шампион Вардар.

Максимов дојде во Вардар и беше претставен на последниот ден од преодниот рок и тренерот Чедомир Јаневски заедно со стручниот дел на Вардар во него гледа голема иднина. Вардар за Максимов ја активирал откупната клаузула, но Литванците одбивале да дадат жиро-сметка за да биде платено обесштетувањето, за на крај преку две соопштенија најавуваат правна битка за Русинот, но и се закануваат со сериозни санкции за македонскиот првак.

Денеска Тракаи преку соопштение порача дека Вардар треба да им го врати Максимов, дека црвено-црните ги прекршиле правилата на ФИФА и дека се соочуваат со сериозна казна.

„Нека пишуваат (Тракаи – н.з.) што сакаат. Ние ги следиме правилата на УЕФА и на ФИФА и работиме на трансферот и регистрацијата на Максимов. Имаме правен тим кој го работи случајот и не знам што друго би кажал. Нема што ние да им го враќаме Максимов, само тој ако сака може да се врати“, вели Самоил Симев, извршниот директор на Вардар.

Уште пред десет дена, спортскиот директор Дарко Панчев изјави дека Вардар ја активирал откупната клаузула на Максимов и дека Тракаи џабе се жали, потенцирајќи и дека напаѓачот е донесен во Вардар за да игра четири години, а не само три месеци, откако црвено-црните не успеаа да го пријават за дебитантскиот настап во групната фаза од Лига Европа.

Случајот сега е во ФИФА, која е надлежна за вакви спорови и преку светската централа Вардар чекаат сертификат за негова регистрација во ФФМ за да може да игра во домашните натпревари (првенство и куп), откако Литванците поради спорот и фактот дека не го признаваат трансферот не издадоа сертификат за регистрација.