„Вардар мора да ни го врати Максимов, инаку ќе биде остро казнет“

Сагата околу трансферот на рускиот фудбалер Максим Максимов во редовите на Вардар и понатаму продолжува, откако неговиот досегашен клуб, литвански Тракаи, јавно обвини за нелегален трансфер и од него побара да се врати назад.

Ако Максимов не го стори тоа, а црвено-црните не му го дозволат тоа, тогаш македонскиот шампион би можел да се соочи со остра казна од ФИФА за прекршување на правилата за трансфер на фудбалери.

„Во договорот на Максимов нема откупна клаузула, поради што Вардар не може на тој начин да дојде до нашиот фудбалер. Официјален трансфер воопшто и не постои бидејќи никогаш немало преговори помеѓу двата клуба. Македонскиот тим официјално го промовира Русинот игнорирајќи го неговиот договор со Тракаи со што ги прекрши правилата на ФИФА за трансфер на фудбалери. Ако Максимов во најкус можен рок не се врати во нашиот тим, тогаш договорот ќе биде раскинат на негова штета, а тоа ќе повлече сериозни казни за него, но и за Вардар, кој според новите регулативи може да добие забрана за регистрација на нови фудбалери во два трансферни периоди. Има уште време работата да се реши цивилизирано и очекуваме Македонците да ја сфатат сериозноста на ситуацијата“, велат од управата на Тракаи.

Максимов поради овој проблем не е регистриран за настапите во Лига Европа, што според спортскиот директор Дарко Панчев не е никаков проблем со оглед што Русинот е донесен на период од четири години и дека тој допрва ќе има што да придонесе за црвено-црниот тим.