Шкупи најде замена за Руатубјаје: Грузиски стопер ја засили одбраната на чаирчани

Актуелниот лидер во Првата лига, Шкупи најде замена за потешко повредениот прв стопер Абдул Руатубјаје, кој ќе паузира осум месеци по операцијата на тетивата на левата нога, па меѓу чаирчани од денеска нов член е Гаги Мергвелашвили (25).

Грузиецот потпиша двегодишен договор со Шкупи, а во кариерата досега играше за домашните Сабутрало и Динамо Батуми и има по една титула од грузискиот шампионат со двата клуба.

„Среќен сум што доаѓам во Шкупи, има одлчична атмосфера во тимот, тимот игра одличен фудбал, дава голови, а прима малку и се бори за титулата. Доаѓам за да ги оствариме целите и сакам заедно да се радуваме, а потоа да имаме добар европски настап. Знам дека овој тим има одлични навивачи и ветувам дека до последна капка пот ќе се борам за овој дрес“, вели Мергвелашвили.

Чаирчани зимава го донесе својот екс-фудбалер Омер Имери, дојдоа Бесник Ферати, Бразилецот Кевен Игнасио, Ганецот Патрик Менсах, како и младите Азер Омерагиќ и Омер Силејман кој доби професионален договор, а тимот го напуштија Кире Маркоски, еден од најдобрите фудбалери Матеј Цветановски, младинскиот репрезентативец Али Адем на кого му заврши заемот од Арис, како и Фисник Зука и Томе Китановски.