Актуелниот македонски шампион Шкендија го направи првиот поголем исчекор кон одбрана на шампионската титула, откако попладнево на отворањето на пролетната полусезона во домашната фудбалска елита, вторпат со судиска помош го победи својот најголем ривал Вардар со 1-0 под Шара за да избега на осум бодови по 19-то коло во Првата лига.

Ако во октомври лани, Шкендија поведе и си го отвори патот кон триумф во Маџари со фантомскиот гол на Изаир Емини признаен од помошникот Куштрим Лика и главниот арбитар Марјан Маркоски по кој тетовци полека прво го намалија сериозниот заостаток од седум бода за потоа да стигнат до есенската круна, сега Димитар Мечкаровски и неговите помошници останаа спепи за евроголот на Филип Најдовски во првиот дел. Најдовски упати бомба, топката за половина метар заврши зад гол-линијата, но наместо кон центарот, Мечкаровски покажа играта да продолжи, па џабе и помошник, и дополнителен судија зад голот, кога тие не го видоа регуларниот гол.

Со оваа победа Шкендија практично си обезбеди подобар меѓусебен дуел со Вардар при евентуално да имаат ист број на бодови на крајот на сезоната. Шкендија го запиша вториот триумф, по тој во Маџари со 2-0, а единственото реми 2-2 е од стартот на оваа сезона, па до крајот има само уште една дерби пресметка за титулата кога Вардар ќе биде домаќин.

Поинаков тек е имаше мечот, ако евроголот на Најдовски беше признаен за Вардар да израмни, откако на средина од првиот дел, Омер Имери погоди за водство на тетовци. Шкендија беше многу поконкретна, Филип Гачевски одбрани сè што упатија кон неговиот гол, а посебно во воведните десет минути од вториот дел кога бравурозно интервенираше на ударите на Егзон Бејтулаи и Самир Фазли. Единствено кога беше немоќен, беше во 23-та минута по голот на Имери и тоа само поради заспаноста на неговиот дефанзивен бедем.

Вардарци во вториот дел тргнаа малку поконкретно во напад, но и тоа беше залудно, зашто не успеваа со завршно додавање да дојдат во позиција за да го загрозат голот на Костадин Захов. Скопјани беа далеку поконкретни во второто полувреме во споредба со првиот дел, кога беа само статисти и надиграни од тетовци, без оглед што Најдовски постигна регуларен гол, кој сите го видоа, освен судиите.